ШТО ПРЕТСТАВУВА ЗЛОУПОТРЕБА НА ЕКСПЛИЦИТНИ ВИЗУЕЛНИ СОДРЖИНИ?
Злоупотребата на визуелна содржина (најчесто наречена „одмаздничка порнографија“) се случува кога некој објавува и споделува сексуално експлицитни фотографии, видеа или пораки на друго лице без дозвола. Ова често се прави со намера да се предизвика јавно понижување, срам, страв или вознемиреност. Без разлика дали експлицитната содржина е создадена доброволно или е снимена или фотографирана без знаење, никој нема право да ја споделува истата без согласност.
КРАТКО ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ
Честопати е тешко да се утврди од каде потекнува вознемирувачката содржина објавена на интернет, додека во исто време таа бескрајно се умножува. Популарните апликации за чет, социјалните мрежи и форумите обично се во сопственост на меѓународни корпорации, што го отежнува барањето заштита на личните права. Правната заштита во разни земји не е секогаш на соодветно ниво.
СЕПАК…
Ако одлучите да не ја премолчите оваа форма на насилство, постојат неколку чекори што би можеле да ги преземете.
1.Документирајте: Зачувајте ги информациите за објавениот материјал и сите детали кои можат да послужат како доказ.
2.Како да се соберат докази: Евидентирајте ги сите важни информации во врска со содржината - како била злоупотребена, времето кога е објавена или споделена без дозвола, адресата на веб-страната каде што се појавила, сметката од која е објавена итн. Ако станува збор за повеќе веб-страници и сметки, евидентирајте ги сите.
Направете слика од екранот (screenshot).
Повеќето оперативни системи имаат кратенка со која може да прават слики од екранот (истовремено се притискаат неколку копчиња на тастатурата). Ова ќе направи дигитална фотографија од целиот екран на вашиот уред која би требало да ја зачувате.
Мобилен (Apple)
Страничното копче + копчето за зголемување на јачината на звукот
Мобилен (Android)
Копчето за вклучување + копчето за намалување на јачината на звукот
На компјутер (Mac OS):
Shift + Command + 3
На компјутер (Windows):
Копчето со Windows лого + Shift + S
Снимете ја страницата со нелегалната објава.
Во прелистувачот, побарајте ја опцијата „Save as“.
или истовремено притиснете на тастатурата „Ctrl + S“
3.Пријавете до интернет страницата: Повеќето онлајн платформи имаат стандардна форма за пријавување неовластени содржини. Можете исто така директно да испратите и е-пошта со барање за отстранување на содржината.
За други интернет страници, можете да го користите примерот за барање на македонски или англиски јазик.